Ристовски: Теренот на Арената е ОЧАЕН, добро е што никој не се повреди

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Стефан Ристовски, потенцираше дека теренот на стадионот „Тодор Проески“ е во очајна состојба и дека тоа не е барање алиби за ремито против Финска, туку апел да се поправи тревата пред некој фудбалер да заработи сериозна повреда.

„Не барам алиби за ремито, но мора да се каже дека овој терен на Арената е ОЧАЕН. На крајот добро е што никој не се повреди. Тешко е да се бара од нас на ваков терен некаква креација во играта, креација во тактиката. Место да одиме напред во некои работи, ние назадуваме. Ќе повторам, најважно е што никој не се повреди“, разочарано коментираше капитенот Ристовски.

Енис Барди, кој го постигна погодокот за 1:1 од пенал, потенцираше дека за сите репрезентативци е најдобро да имаат голема минутажа во клубовите за потоа да може да играат и на посакуваното ниво во националниот дрес.

„Сметам дека полека, но сигурно сите играчи се враќаме во форма. Навистина е добро што многумина од нас играме стандардно во нашите клубови и тоа е видливо и многу важно. Нашата игра е многу поразлична кога стандардно играме во клубовите. Ова беше само еден тест за тоа што нè очекува во март и квалификациите. Дај Боже тогаш да бидеме во форма и да го дадеме максимумот за репрезентацијата“, изјави Барди.

- Оглас -

Најнови вести