Ривер плејт лансираше нова ѕвезда која го реши Суперкласикото против Бока (Видео)

Ривер плејт со 2:1 славеше над Бока јуниорс во дуелот на двата најтрофејни клуба во Аргентина. По пауза од точно 582 дена, популарното Суперкласико се играше со публика, а на крајот домашните фанови се радуваа.

Како и секое дерби и ова изобилуваше со многу возбудувања и тензии. Можеби клучниот момент на мечот се случи само по 16 минути игра, кога некогашниот играч на Манчестер јунајтед, Маркос Рохо, доби црвен картон. Рохо за помалку од една минута направи два остри прекршоци и доби два жолти картони, што автоматски значеше и исклучување.

Откако Бока остана со играч помалку, домашните фудбалери ја презедоа контролата на играта и со 21-годишниот напаѓач Хулијан Алварес стигнаа до предност од 1:0 во 25-тата минута. Дека блесокот на младиот фудбалер не е случаен, се покажа и во 43-тата минута, кога по вторпат ја затресе мрежата на најголемиот ривал.

Во второто полувреме, домаќините без проблем ја задржаа предноста, а Бока успеа само да постигне почесен погодок, и тоа буквално во последните секунди од мечот.

- Оглас -

Најнови вести