Ракометниот клуб Вардар потврди дека следните мечеви на домашен терен, против Нексе во четвртфиналето од СЕХА и со ПИК Сегед од осминафиналето во Лигата на шампионите ќе мора да ги игра без публика.
„Ги известуваме сите навивачи и симпатизери на РК Вардар дека во следните 30 дена сите натпревари на кои нашиот клуб е домаќин ќе се играат без присуство на публика. Одлуката е донесена од Владата која забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Македонија во наредните 30 дена како дел од дополнителните мерки и активности за превенција од ширење на Коронавирусот по сугестија на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство“, објавија Црвено-црните, кои додаваат дека мерката се однесува за сениорската и сите екипи во младински категории, а тренинзи и натпревари нема да имаат ниту членовите на Ракометната академија на Вардар.