Роџер, Рафа и Серена ќе играат за настраданите од пожарите во Австралија

Природната катастрофа која се случува во Австралија веќе со месеци направи толку голема штета, што состојбата стана алармантна многу одамна. Од септември животите ги загубија 25 лица, повеќе од 2.000 домови се уништени, додека бројката на загинати животни ја помина границата од една милијарда.

Донации за настраданите стигаат од целиот свет, голем број доброволци активно им помагаат на пожарникарите кои макотрпно водат битка со огнената стихија. И спортскиот свет се активира и помага на каков било начин, а потег за почит направија и најголемите тениски ѕвезди кои моментално се наоѓаат во Австралија и се подготвуваат за првиот овосезонски Гренд слем.

Имено, Роџер Федерер, Рафаел Надал и Серена Вилијамс ќе учествуваат во егзибициски натпревар кој е закажан на 15 јануари, а собраните средства ќе бидат донирани во одредени организации. Хуманитарниот спектакл ќе се одржи на пет дена пред стартот на шампионатот и ќе се игра на „Род Лејвер арената“ во Мелбурн, а меѓу споменатите великани ќе учествуваат и Ник Кирјос, Стефанос Циципас, Наоми Осака и Каролина Возњацки.

- Оглас -

Најнови вести