Роналдо: Формирањето Суперлига не е толку лоша идеја

Некогашниот најдобар фудбалер во светот, Бразилецот Роналдо, вели дека е за создавање на европската Суперлига која беше срушена уште пред да започне. Роналдо сега е газда на шпанскиот тим Валјадолид, кој сезонава игра во Сегунда дивисион и вели дека домашните лиги нема да загубат во квалитет ако се создаде Суперлига.

„Како претседател на Валјадолид, секако дека не би сакал Примера дивисион да ги загуби својата моќ и влијание. Сепак, не верувам дека првенството ќе загуби ако се формира Суперлига. Според мене, домашните првенства уште се носители на фудбалот. Навивачите купуваат сезонски билети за секоја недела да доаѓаат на стадион. Меѓу нив и клубовите постои посебна врска. Верувам дека формирањето на Суперлигата нема да влијае на домашните шампионати. Според мене, Суперлига не е толку лоша идеја. Фановите сакаат да гледаат мечеви меѓу Реал Мадрид и Милан или Интер, меѓу Манчестер сити и ПСЖ. Сите сакаат да гледаат такви мечеви, а не да чекаат до четвртфиналето или полуфиналето за такви средби“, вели Роналдо.

Валјадолид минатата сезона беше во Примера, но не успеа да се избори за опстанок во најсилното натпреварување во Шпанија, па сега е дел од втората лига.

- Оглас -

Најнови вести