Роналдо: Како Тарибо Вест за седум години остаре само две години?

Во период кога нема фудбалски возбудувања, а ниту излегувања надвор и дружења, интернетот е главниот извор на комуникација. Во еден таков разговор, легендарниот бразилски голгетер Роналдо, сподели интересна приказна на неговиот пријател Кристијан Виери.

Роналдо и Виери си разговараа преку интернет-врска кога на Бразилецот му текна на некогашниот нивен соиграч од Интер, Тарибо Вест. Нигерискиот репрезентативец, кој играше и на Светско првенство, во кариерата ги носеше дресовите на Интер, Милан, Оксер, Кајзерслаутерн, Партизан, Дерби каунти..

„Имав 15 години кога со селекцијата У15 на Бразил игравме пријателски меч со репрезентација на Нигерија У20. Не им можевме ништо. Тоа беа момци кои имаа по 20 години, а тие делуваа како возрасни луѓе. Некои делуваа дури како да имаат и по 30 години, а ние бевме како деца во однос на нив. Во тој состав на Нигерија играше Тарибо Вест. Според записникот Вест имаше 20 години. Потоа, поминаа седум години, а јас преку Крузеиро, ПСВ и Барселона, потпишав за Интер. Доаѓам прв ден на подготовките и го среќавам Тарибо. Гледам во списокот на тимот, јас имам 22 години, Вест исто така 22 години. За седум години, колку што се немавме видено, јас сум остарел седум години, а тој само две. Не сум јас Ел Феномено, туку Тарибо Вест“, открива низ смеа Роналдо за својата анегдота.

- Оглас -

Најнови вести