Само Хавиер Занети може да го убеди Меси да прејде во Интер

Трансфер на Лионел Меси од Барселона во Интер е можен, затоа што потпретседател на клубот од Милано е аргентинската легенда Хавиер Занети. Ова го тврди поранешниот помошник тренер на Интер, Португалецот Жозе Мораиш, кој смета дека Занети е експерт за привлекување сонародници од Аргентина.

Многумина сметаат дека Меси до крајот на кариерата ќе остане во Барселона, но ако постои некаква шанса тој да си замине, прв избор му е Интер.

„Можно е Меси да оди во Интер поради Занети. Тој е како магнет за аргентински играчи. Мислам дека може да го привлече и Меси, ако тој размислува за нов предизвик во кариерата. Занети знае како да направи Аргентинците во Интер да се чувствуваат како дома, и затоа речиси сите беа успешни“ – вели Мораиш, кој во Интер му помагаше на Жозе Мурињо.

На листата на успешни Аргентинци во Интер се Икарди, Диего Милито, Паласио, Камбијасо…

Меси во минатото има играно заедно со Занети во репрезентацијата, и многу го цени својот поранешен капитен. Екс претседателот на Интер, Масимо Морати, неодамна кажа дека клубот не се откажал од сонот да го купат Меси. Договорот на Меси со Барса е до следното лето. Во 2021 има претседателски избори во Барселона и ако победи некој кандидат кој не е по мерак на Меси, можеби најдобриот фудбалер ќе го напушти клубот во кој ја мина целата досегашна одлична кариера.

- Оглас -

Најнови вести