Само С. Арабија е послаба од Македонија, пред нас се Зеленортски Острови, Бахреин, Чиле, Уругвај, Иран…

По комплетираното второ коло на Светското првенство во ракомет, статистиката и табелите покажуваат поразителен факт за македонската репрезентација. Од 32-те национални селекции кои се дел од Мундијалот во Полска и Шведска, Македонија го има вториот најслаб биланс досега.

Во првите две кола, избраниците на селекторот Кирил Лазаров претрпеа два убедливи порази, и тоа со 12 разлика од Норвешка (39:27) и со 10 разлика од Холандија (34:24), па затоа Македонија е последна во групата со минус 22 на гол-разликата.

Ако се погледнат резултатите на селекциите во сите осум групи, единствено Саудиска Арабија има послаба гол-разлика од Македонија (42 дадени и 74 примени гола). Од оние кои уште се без ниту еден освоен бод, со подобра гол-разлика од Македонија се Чиле, Уругвај, Јужна Кореја, Алжир, Аргентина и Мароко. Барем еден освоен бод досега освоија и селекции како Бахреин, Иран и Зеленортски Острови.

Ако се погледне и одбраната која ја имаат националните селекции, Македонија и тука е на дното. Дури со 73 примени голови (36,5 примени гола во просек), Македонија има подобра дефанзивна линија повторно само од Саудиска Арабија, која досега прими еден гол повеќе од нас, односно 74 погодоци. Ниту една друга репрезентација нема примено 70+ голови.

Ситуацијата може да се смени во третото коло, кога Македонија игра против Аргентина.

- Оглас -

Најнови вести