Санчес: Сакав да го раскинам договорот со Јунајтед уште по првиот тренинг

Алексис Санчес остана во Интер откако спогодбено ја раскина соработката со Манчестер јунајтед и потпиша перманентен договор со Нераѕурите. Чилеанецот се ослободи од кошмарот по две и пол години откако го смени дресот на Арсенал со црвениот на Јунајтед, по што се одлучи да ја објасни ситуацијата и моментот кој му ја смени кариерата на полошо.

Санчес објави видео на „Инстаграм“, во кое искрено кажа дека зажалил за трансферот во Јунајтед и сакал да се врати во редовите на Топчиите уште по првиот тренинг во новиот тим. Во јануари 2018 година, Црвените ѓаволи во директна размена со Арсенал го дадоа Хенрик Мхитарјан за услугите на Санчес, кој потпиша договор со неделна плата од рекордни 500.000 фунти.

„Се укажа прилика да потпишам за Манчестер јунајтед, клуб кој го сакав уште од мали нозе. Понудата беше примамлива и не размислував многу, прифатив без да се информирам околу целиот трансфер. Уште во првите денови во Јунајтед почувствував дека нешто не е како што треба, а веќе по првиот тренинг контактирав со мојот агент и го прашав дали може соработката да се прекине и да се вратам во Арсенал. Наеднаш станав вишок во екипата, а бев еден од најдобрите играчи во Премиер лигата. Ми беше тешко кога не добивав шанса да бидам во составот. Тоа многу ми пречеше бидејќи претходно не сум претрпел такво нешто во кариерата. На крајот се укажа шанса да играм за Интер и си заминав од таму“, истакна Санчес.

Ексфудбалерот на Барселона запиша само пет меча како стартер во вкупно 45 настапи за Црвените ѓаволи во кои постигна пет гола, а опремата на Интер ја задолжи на почетокот од минатата сезона како позајмен играч, каде што доби повеќегодишен договор ова лето.

- Оглас -

Најнови вести