„Сапуницата Икарди“ привршува во јужноамерикански стил

Нов пресврт во Интер. Разрешениот капитен Мауро Икарди утре се враќа на тренинзите со екипата на Интер. Тој ќе тренира заедно со оние фудбалери кои немаат обврски во своите репрезентации.

Икарди одбиваше да тренира повеќе од еден месец. Последен пат тренираше на 13 февруари, а потоа ги имаше најтешките денови во кариерата, и тоа по вина на неговата сопруга Ванда, која е и негов агент.

Капитенот на Интер со разни уцени се обидуваше да добие подобар договор од Интер, а клубот му ја одзеде лентата. Икарди се налути и измисли повреда како оправдување за да не тренира и да не игра. Засилени беа шпекулациите дека веќе никогаш нема да заигра за Интер, се најавуваа негови трансфери во Наполи, Јувентус или Реал Мадрид, но како во јужноамериканските серии, дојде до пресврт и сепак тој останува во Милано. До кога, никој не може да предвиди.

Икарди бараше да му се извинат и да му ја вратат капитенската лента. Штом реши од утре да се врати на тренинзите, веројатно тие услови му се исполнети. Треба да се види како ќе реагираат навивачите кои го нарекуваа предавник. Но, сега заигра и ако даде гол против Лацио на 31 март, веројатно сè ќе му биде простено.

- Оглас -

Најнови вести