Сари можеби може да го контролира Роналдо, но тешко дека може и капитенот Кјелини

Јувентус очекувано славеше против Бреша во меч по кој Старата дама повторно е лидер во Серија А. Дуелот немаше многу драма затоа што домаќините не дозволија никакво изненадување против тимот кој се бори за опстанок.

Најинтересниот момент се случи во последните 10-тина минути од средбата, кога на теренот се појави Џорџо Кјелини. За капитенот на Јувентус ова беше прв меч по пауза од речиси шест месеци, кога ги повреди лигаментите на коленото на мечот против Парма.

Тренерот на Јувентус, Маурицио Сари, призна дека и тој самиот бил изненаден кога го видел Кјелини дека се подготвува да влезе на теренот.

„Да бидам искрен, Кјелини сам си ја направи измената. Се свртев и кога видов, тој беше пред мене и чекаше да влезе на теренот. Од саботата инсистираше да добие барем 10 минути на дуелот против Бреша и си ги доби. Не можев да го одбијам“, рече Сари.

Колку за потсетување, Сари тренираше строгост кога го вадеше Роналдо од игра, а Португалецот се лутеше и не му беше сеедно кога го напушташе теренот. Без разлика што сам побарал да влезе во игра, враќањето на Кјелини во тимот е голем плус за Јувентус, посебно во клучниот дел од сезоната кога се разгорува битката во Лигата на шампиони и Серија А.

 

- Оглас -

Најнови вести