Сари се жали и го цитира Гвардиола: Меч против Аталанта е како да одиш на забар

Маурицио Сари се жали, но и го цитира Пеп Гвардиола пред денешното гостување на Лацио во Бергамо против Аталанта. Мечот од 11. коло се игра денеска од 15 часот, а според тренерот на лацијалите, никој во Италија не игра во такво темпо како тимот што го предбоди од клупата.

„Имаме три меча по ред со пауза од само 72 часа меѓу нив. Немаа милост за нас, особено за играчите кои се преморени. Патем играме против Аталанта и потполно се согласувам со изјавата на Пеп Гвардиола. Меч против нив е како да одиш на забар. И се да мине во најдобар ред, сепак потоа чувствуваш болка. Тие играат агресивно во текот на целиот меч и не те оставаат да здивнеш. Не знам како ќе се справиме, бидејќи темпото за Лацио е немилосрдно“, изјави Сари.

Двете екипи во последно време играат исклучително атрактивни мечеви со многу голови, а последните пет беа со најмалку четири погодоци.

Во ланското првенство најпрво Лацио загуби дома со 1:4, но потоа се реваншираше во Бергамо со триумф од 3:1. За Лацио ќе нема многу време за одмор и по овој меч, бидејќи во четврток ќе му гостуваат на Марсеј во меч од Европа Лигата, а 72 часа подоцна пак ќе играат, против Салернитана во Серија А.

И Аталанта има згуснат распоред и по денешниот меч ќе се подготвуваат за настап во Лигата на шампионите во вторник против Манчестер јунајтед во Бергамо.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести