Саутгејт не е загрижен: Уморни играчи прават грешки

Не загубивме поради нашиот стил на игра, како што не критикуваат, туку најмногу заради заморот кај играчите и слабата реализација во нападот, вели Герет Саутгејт, селекторот на Англија, по елиминацијата во полуфиналето од сегментот А во Лигата на нациите.

Англичаните воопшто не личеа на селекцијата што одигра одлично на Мундијалот во Русија, премногу грешеа, а две такви кардинални грешки на Џон Стоунс и на Рос Баркли ѝ донесоа победа на Холандија и пласман во финалето.

„Не грешевме само при головите, имавме и многу погрешни додавања, технички грешки, утки во нападот, киксови во опасната зона пред нашиот гол, по што можевме да бидеме казнети и во регуларниот дел од мечот. Баркли и порано имаше слични грешки. Ќе мора внимателно да го анализираме овој меч за да се обидеме да се коригираме. Знам дека ќе биде многу подобро кога играчите ќе бидат поодморни“, изјави Саутгејт.

Холандија победи со 3:1 по продолженија и ќе игра за титулата со Португалија на „Драгао“ во Порто, во недела од 20.45 часот.

Англија и Швајцарија истиот ден од 15 часот ќе играат за третото место во премиерното издание на Лигата на нациите. Тој меч ќе се игра во Гимараиш.

 

- Оглас -

Најнови вести