Се бараат уште три полуфиналисти на женското ЕП

Европското првенство во ракомет за жени влегува во фаза кога репрезентациите немаат право на грешка. Денешното последно коло од фазата по групи треба да одреди кои четири селекции ќе се најдат во полуфиналето.

Во групата 2, дури пет тима имаат шанса да влезат во полуфиналето, само Шпанија е сигурно во аут. Романија оди во полуфинале ако не загуби од Унгарија, но може да оди и со пораз доколку ѝ одат во прилог резултатите од другите два меча. Холандија ќе биде полуфиналист со победа или реми против Германија, а ако загуби, ќе се надева на победи на Унгарија и Шпанија.

Норвежанките можеби ќе го фатат последниот воз, но не зависи сè од нив. Мора да ја победат Шпанија и плус уште двата резултати од групата да им бидат по ќеиф. Германија оди понатаму ако ја совлада Холандија и Романија не загуби од Унгарија, но има и уште една комбинација која ѝ одговара. И Унгарките имаат шанса, но мора да ја победат Романија во комбинација со успеси на Шпанија и Холандија.

Во групата 1, Русија е сигурно прва, а Франција, Црна Гора и Шведска се надеваат дека ќе бидат втори. Французинките не смеат да загубат од Србија, а ако загубат, ќе им треба помош од Данска и Русија. Математиката на Црна Гора е победа над Данска и пораз на Франција од Србија. Шведска мора да слави над Русија и да чека порази на Франција и Црна Гора.

- Оглас -

Најнови вести