Христијан Кировски е јунакот на Македонија Ѓорче Петров и со три гола на двата меча во националниот куп, речиси сам го елиминираше Вардар.
За да биде уште поинтересно, 32-годишниот напаѓач потекнува од фудбалската школа на Вардар и таму во 2001 година ја почна кариерата.
На првиот меч постигна еден гол во ремито на гости, 1-1, а денеска со два гола во мрежата на Вардар го одлучи патникот во четврт-финалето. Ѓорчепетровци на крилјата на расположениот напаѓач го елиминираа петкратниот освојувач на Купот, Вардар, и останаа во битката за вториот клупски трофеј во најмасовното натпреварување.
„Јас сум вардарово дете, но фудбалот не признава емоции. Се радувам на победата и пласманот на Македонија Ѓорче Петров во четврт-финалето на Купот. За нас ова е голем потстрек и со малку среќа при ждрепката мислам дека имаме шанси за настап во финалето. Секако, на некој начин ми е жал за елиминацијата на Вардар, но и покрај сите проблеми што ги имаат, тие се заслужено лидери на табелата во Првата лига. Имаат најсилен состав во Македонија, играат одлично и покрај сите проблеми, остануваат први фаворити за титулата. Не би имал ништо против Вардар да биде шампион, а Македонија Ѓорче Петров да го освои Купот. Ни треба само малку среќа, бидејќи имаме квалитетна екипа, која и денеска докажа дека може рамноправно да игра со сите екипи кај нас“, вели Кировски за СПОРТ МАНИЈА.
Со Македонија Ѓ.П. во четврт-финалето се и актуелниот бранител на трофејот Шкендија, потоа и Работнички, Силекс, Беласица, Академија Пандев, Победа и Кораб.