Се претвори во голем сеир: Кепа е тренер на Челзи, Сари му стана помошник

Случајот „Кепа“, или одбивањето на младиот голман на Челзи да излезе од игра, има и смешна димензија, а главниот сеир е на „Википедија“.

На англиската верзија на најпознатиот пребарувач на интернет, на популарната „Википедија“ крај името и презимето на Кепа Аризабалага како опис на неговото работно место стои „Менаџер на Челзи“.

Руската верзија отиде чекор подалеку, па го опиша Кепа како тренер и голман на Челзи, а има и една верзија дека Маурицио Сари му е помошник-тренер на Шпанецот.

Сонародниците на Кепа, Шпанците се со најголема фантазија, па смислија и афера со име „Кепагејт“. Во приказната го опишаа поранешниот младински репрезентативец на „црвената фурија“ како голман роден без раце, кој по загубеното финале со Манчестер сити во Карабао купот, по казна бил испратен на Марс. Со него е и Гонзало Игуаин, кој сè уште вежба пенали.

Духовито и разиграно, но Кепа сепак има малку поголем проблем од сеирот на негова сметка. Дел од поранешните играчи на Челзи, но и навивачите веќе бараат тој да си замине од клубот.
Кепа бранеше за младата шпанска репрезентација на ЕП во Полска 2017 година, беше на голот и на мечот против Македонија, а една година подоцна за сума од 80 милиони евра се пресели од редовите на Атлетик Билбао во Челзи.

Вчера во финалето на Карабао купот, Кепа во 120-тата минута одби да биде заменет со Вили Кабалјеро. Натегањето меѓу него и тренерот Маурицио Сари траеше долго. Голманот победи и остана да ги брани и пеналите, но Челзи загуби, па сега Кепа е на столбот на срамот заради непрофесионален однос.

- Оглас -

Најнови вести