Се редат маките за Дешамп, остана без леви бекови за мечот против Швајцарија

Франција како најголем фаворит за освојување на Европското првенство, се соочува и со најголеми проблеми кога се во прашање повреди. Само вчера беа потврдени три случаи со Рабио, Турам и Лемар, кои се пожалија на здравствени проблеми, а сега селекторот Дидие Дешамп остана и без двајцата леви бекови за осминафиналната пресметка против Швајцарија.

На три дена пред овој меч, потврдено е дека Лукас Ернандес и имењакот Дињ нема да бидат во конкуренција за настап откако и двајцата се повредија во ремито против Португалија во последното коло од групите. Ернандес има проблеми со коленото и одигра само едно полувреме, додека фудбалерот на Евертон издржа само шест минути на теренот и мораше да излезе од игра поради болки во бутниот мускул.

Дешамп ќе мора да ротира, или да се одлучи за третата опција во Лео Дубуа, кому природна позиција му е десно, а и Кимпембе повремено знае да одговори на задачата како лев бек.

Дали овие хендикепи ќе бидат кобни за светските шампиони, ќе се знае по средбата на Националната арена во Букурешт, која е закажана на 28 јуни.

- Оглас -

Најнови вести