Сè што треба да знаете за денешните мечеви во ЛШ

АЈАКС – АЕК (18.55 ч.)

Грците нема што да бараат во Амстердам

АЕК за прв пат по 2006 година е дел од групната фаза. Грците немаат речиси никаква историја во ЛШ, за разлика од Ајакс, кој е четирикратен европски првак. Тимот од Амстердам е во одлична форма и нема пораз од 15-ти април (11 победи и три нерешени).

Искусните Клас-Јан Хунтелар и Душан Тадиќ се во гол-форма, а тоа сигурно нема да ги радува Грците. Тадиќ има шест гола на последните осум меча, а Хунтелар погоди шест пати на четирите последни натпревари.

АЕК ги има загубено сите претходни пет гостувања во Холандија, па ништо поразлично не се очекува да биде и вечерва.

Предлог тип: 1 & 2-3 гола (2.80)

 

ШАХТАР – ХОФЕНХАЈМ (18.55 ч.)

Дебитантот одбра лошо место за сефте

Дуел на две екипи кои негуваат напаѓачки фудбал. Главен адут на Шахтар се Бразилците, кои ги има шестмина во составот. Украинците се речиси редовни во елитата, додека за Хофенхајм ова ќе биде дебитантски меч во групна фаза од ЛШ.

Не само што досега немаат одиграно ниту еден меѓусебен меч туку и Хофенхајм прв пат за ривал има тим од Украина. За гостите овој меч е во лош момент, бидејќи дури седуммина фудбалери сигурно нема да играат, а двајца се неизвесни. И кај Шахтар ќе фалат Бразилците Дентињо и Велингтон, но имаат соодветни замени.

Шахтар е многу силен дома (иако не игра на матичниот стадион н.з.), а тоа го покажа и ланската сезона во ЛШ, кога ги доби сите четири меча, и тоа против ривали какви што се Наполи, Манчестер сити, Феенорд и Рома.

Предлог тип: 1-1 (3.10)

 

БЕНФИКА – БАЕРН МИНХЕН (21 ч.)

Кога играат во Лисабон, ремито е загарантирано

Бенфика уште ја чека првата победа против Баерн Минхен. Во претходните шест меча има три ремија и три порази. Интересно е што сите три нерешени се на теренот во Португалија. Баерн во Лисабон нема пораз на пет гостувања.

Според составите, традицијата и играта, Баерн е фаворит, но во тимот на Нико Ковач има неколку повредени. Коман, Толисо, Алкантара и Рафиња се повредени, а во екипата се враќа Рибери. И без повредените, Баерн има играчи кои треба да одговорат на предизвикот.

Бенфика лани имаше очаен настап во ЛШ и ги загуби сите шест средби. Португалците сега веруваат дека уште против Баерн може да стигнат до бод, а посебно ги радува фактот дека Баерн на последните 14 гостувања секогаш прима барем по еден гол.

Предлог тип: 2-3 гола (2.10)

 

МАНЧЕСТЕР С. – ОЛИМПИК ЛИОН (21 ч.)

Сити да ја оправда улогата на прв фаворит

Манчестер сити никогаш не играл ниту во финалето на ЛШ, а сезонава е прв фаворит за трофејот. Тоа е така поради играчите кои ги има и поради формата во која е екипата на Пеп Гвардиола.

Мангала и Де Бројне се повредени кај домаќините, а Марсел и Гуири нема да играат за Лион. Според традицијата, Лион е почесто во Европа, но тоа нема да има некоја улога вечерва. „Граѓаните“ негуваат офанзивен фудбал, а и Лион повеќе сака да нападне отколку да се брани.

Двата клуба лани ја поминаа групната фаза, што покажува дека се работи за квалитетни состави, па и затоа може да се очекува беспоштедна битка на градскиот стадион во Манчестер.

Предлог тип: 1&4+ (1.97)

 

ВИКТОРИЈА П’ЛЗЕЊ – ЦСКА МОСКВА (21 ч.)

Мини-болницата во ЦСКА е шанса за домаќинот

Овој пар можеби повеќе звучи како средба од Лигата на Европа, но ова ќе биде нивна трета битка во последните пет години во ЛШ. Во 2013 година беа во истата група, а тогаш секој клуб си ја искористи предноста на домашен терен за да победи.

Делува изненадувачки, но П’лзењ ги има добиено последните шест меча на свој терен во европските натпреварувања. Домаќините немаат никакви пролбеми околу составот, додека ЦСКА ќе биде без четворица повредени, а двајца се неизвесни.

Предлог тип: 0-2 гола (1.71)

 

РЕАЛ МАДРИД – РОМА (21 ч.)

Реал сака „кралска“ претстава

Дербито на денот се игра на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид. Реал три сезони по ред е освојувач на ЛШ, а Рома е полуфиналист од минатата сезона. Кралскиот клуб е најтрофеен во ЛШ, но за неговиот тренер Хулен Лопетеги ова ќе биде дебитантски настап во елитата.

На претходните 10 меѓусебни средби, Реал се радувал шест пати, а Рома победила на три дуели. Без Кристијано Роналдо во тимот, Бејл и Бензема се тие кои треба да ја преземат одговорноста да даваат голови за Реал.

Рома најавува формација 4-3-3, што значи дека нема да се брани, па може да се очекуваат голови.

Предлог тип: 3-5 гола (1.67)

 

ВАЛЕНСИЈА – ЈУВЕНТУС

Роналдо повторно е во Шпанија, таму му „лежи“ да дава голови

Со доаѓањето на Кристијано Роналдо во Јувентус, италијанскиот првак влезе меѓу главните фаворити за трофејот. Португалската ѕвезда три меча се мачеше да даде гол за „старата дама“, но во вистински момент проработи. Погоди два пати во победата над Сасуоло, а сега верува дека низата ќе продолжи и во ЛШ.

Роналдо е најдобар стрелец во историјата на ЛШ со 125 погодоци. Дополнителен мотив за него сигурно ќе биде и фактот дека синоќа Лионел Меси даде хет-трик за Барселона, па сега сите очекуваат тој да возврати со иста мерка.

Предлог тип: 2&3+ (3.40)

 

ЈАНГ БОЈС – МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

„Црвените ѓаволи“ треба да се радуваат против дебитантот

Швајцарскиот Јанг бојс ќе ја има честа на свој терен да дебитира во групната фаза од ЛШ, и тоа против Манчестер јунајтед. Самиот пласман на Јанг бојс меѓу најдобрите 32 екипи е голем успех.

Швајцарците немаат никогаш играно против Манчестер, а кога се работи за дуели со англиски екипи, имаат биланс од една победа, реми и четири порази. Манчестер е голем фаворит, но треба да алармира фактот дека „црвените ѓаволи“ ги загубија последните две средби во Швајцарија.

Предлог тип: 2&2-3 гола (3.35)

- Оглас -

Најнови вести