Првиот човек на Англиската фудбалска лига (ЕФЛ), Шон Харви, побара разгледување на забраната за навивачите да пијат алкохол на трибините за време на фудбалски натпревари.
Забраната за фудбалските фанови да пијат алкохол доколку го гледаат теренот е воведена во 1985 година. Ваква забрана нема за концерти или други спортови кои се одржуваат во сали или на стадиони.
Фудбалските навивачи во Англија може да купуваат алкохол на полувреме, како и пред мечевите, а смеат да пијат и во пабовите во близина на стадионите. Апсењата на навивачи за нарушување на јавен ред и мир се многу ретки.
„Нема дилеми дека фудбалот драматично се измени во овие 30 и повеќе години откако беше воведена забраната. Сметаме дека забраната е несоодветна за условите во 2018 година“, смета Харви.
Челниците на ЕФЛ ќе разговараат со владата и локалните безбедносни експерти и на таа дебата сите страни ќе ги кажат своите ставови. Евентуалното укинување на забраната би важела за Англија и Велс, не и за Шкотска, каде што од 1980 има целосна забрана за алкохол на стадионите.