Седум години од фаталната повреда на Шуми – Вилата „Јасмин“ на Мајорка ја крие тајната за состојбата на легендата

Михаел Шумахер имаше кобен пад на француските Алпи на 29 декември 2013 година, кога тешко се повреди и оттогаш неговата состојба е вистинска мистерија.

По падот на глава на скијалиштето во Мерибел рисортот, удри во камен и тешко се повреди. Веста за страотниот инцидент и повредата на Шуми молскавично се пренесе во целиот свет, а седумкратниот Ф1 шампион беше опериран во Гренобл.

Над една година беше во индуцирана кома, а и тогаш и сега има малку информации во каква состојба е големиот ас.

Велат дека од 2017 година е преселен на Мајорка, во вилата „Јасмин“ што неговата сопруга Корина ја купи од Флорентино Перес, актуелниот претседател на Реал Мадрид.

„Шумахер не може да зборува. Комуницира само со очи и можат да го посетат само тројца луѓе“, изјави во едно ТВ-шоу Елизабета Грегорачи, поранешната сопруга на познатиот Флавио Бријаторе.

И дел од поранешните формула 1 асови, кои се блиски со Шумахер и му беа конкуренти или клупски колеги, потврдуваат дека нема значајни промени во неговата состојба цели 7 години.

„Имам информации како му е на Шуми. Мојот однос со него секогаш бил одличен. Ситуацијата е сложена, тој и неговото семејство не сакаат да се пласираат какви било информации и јас ја почитувам неговата желба. Се молам секој ден состојбата во која се наоѓа да се подобри и повторно да може нормално да живее, особено сега кога неговиот син вози во Формула 1′, вели Фелипе Маса, некогашниот клупски колега на Шумахер од Ферари.

Еден од ретките што постојано го посетува е Жан Тод, актуелниот претседател на ФИА и поранешен шеф на Ферари од ерата кога Михаел возеше за најпознатиот тим на светот.

„Редовно го посетувам Шумахер и често заедно гледаме телевизија. Нема да откривам детали за неговата состојба. Тоа е негова приватна работа“, вели Тод.

Од лани во лекувањето на Шумахер се користи и методот со вбризгување матични станици со цел да се регенерира нервниот систем кај големиот ас. Проблем е атрофијата, а швајцарскиот неврохирург Ерих Ридерер не е оптимист.

„Мислам дека Шумахер вегетира, што значи дека е буден, но не може да реагира на надворешни вилијанија. Дише, срцето му работи, веројатно со помагала може и да станува и малку да прошета и тоа е се. Тоа за него, за жал, е максимум“, вели Ридерер.

Велат дека, сепак, најважно е што Шумахер е жив, а чудото не е невозможно, иако состојбата кај легендарниот Ф1 ас е тешка.

- Оглас -

Најнови вести