Сега и официјално, Ферари се прости од Фетел!

Формула 1 тимот Скудерија Ферари официјално го потврди она што се зборуваше од рано утрово, а тоа е дека Себастијан Фетел нема да вози за нив во 2021 година. Германецот и италијанскиот тим не се договорија за продолжување на петгодишната соработка.

Фетел стигна во Ферари во 2015 година од Ред Бул како четирикратен светски првак. Но, во црвениот болид не блескаше. Неговиот клупски колега Шарл Леклер се огласи на „Твитер“ и порача дека научил многу од Фетел.

„Ми беше голема чест да бидам твој тимски колега. Имавме неколку напнати моменти на патеките, некои беа многу добри, некои не завршија како што сакавме, но почитта секогаш постоеше. Никогаш не сум научил толку многу како во претходната сезона од тебе. Ти благодарам Себ“, напиша Леклер, кој во 2021 ќе вози за Ферари како главен, веројатно со Даниел Рикијардо или Карлос Саинс.

Матија Биното рече дека Фетел е дел од историјата на Ферари. Германецот имаше 14 гран-при победи, со што е трет во историјата на Ферари.

„Мојата врска со Ферари завршува на крајот на 2020. За да се направи врвен резултат во овој спорт, потребно е сите да работат во перфектна хармонија. Јас и тимот сфативме дека ја немаме потребната желба да останеме заедно по оваа сезона. Финансиите не беа пресудни во одлуката. Ферари има посебно место во Формула 1 и се надевам дека ќе ги има успесите кои ги заслужува“, рече Фетел, кој им се заблагодари на навивачите.

- Оглас -

Најнови вести