Селтик го руши клупскиот рекорд за да го ангажира Миовски веќе во јануари?!

Македонскиот репрезентативец и член на шкотскиот Абердин, Бојан Миовски, е пред сензационален трансфер во најтрофејниот клуб во светот, Селтик. Според информациите кои утрово пристигнуваат од Островот, менаџерот на Селтик, Брендон Роџерс, го има Македонецот на својот список со желби и посакува да го ангажира веќе во јануарскиот преоден рок.

Селтик се соочува со големи проблеми бидејќи дури тројца офанзивци зимава ќе настап на Азискиот куп, па клубот од Глазгов во нашиот фудбалер гледа замена која соодветно треба да го пополни нападот.

Сепак, за ваков трансфер се прашува и Абердин, бидејќи Миовски има активен договор со важност до 2026 година. Моменталната проценета вредност на нашиот репрезентативец е два милиони евра, но Абердин ќе бара многу повеќе. Според информациите, сумата ќе надмине 4,5 милиони фунти, а тоа би значело дека ќе биде урнат клупскиот рекорд на Селтик од 2007 година, кога на Хибернијанс му платија 4,4 милиони фунти за Скот Браун.

Бојан Миовски минатата година пристигна во Абердин од МТК Будимпешта за 650.000 евра.

- Оглас -

Најнови вести