Сент Луис ги растури Ајкулите за пласман во големото финале на НХЛ

Сент Луис блус со убедлив триумф од 5-1 против Сан Хозе шаркс во шестиот дуел и вкупни 4-2 во западната финална серија се пласираше во големот финале на НХЛ. Точно по 49 години, Сент Луис ќе има шанса да се надигрува за Стенли купот, а за да стигнат до посакуваниот пехар ќе треба да бидат подобри од Бостон бруинс.

До убедливата победа, за домаќините дури пет хокеари се запишаа во листата на стрелците. Со головите на Перон и Тарасенко, Сент Луис дојде до удобна предност по воведните 20 минути. Гостите за момент се вратија во игра преку Гамбрел, меѓутоа сè беше јасно откако Шен и Бозак зголемија на 4-1 на седум минути до крајот од средбата, за Барбашев да им ги скрати маките на Ајкулите.

Сент Луис во минатото загуби три последователни финалиња. Во сезоните 1967/68 и 1968/69 губеа со 4-0 од Монтреал канадиенс, додека во сезоната 1969/70 исто така беа поразени со метла токму од овогодишниот противник Бостон бруинс. Тоа беше нивно последно појавување во едно големо финале, а 49 години подоцна ќе имаат шанса да го освојат својот прв Стенли куп во клупската историја.

- Оглас -

Најнови вести