Сер Алекс Фергусон го советувал Саво Милошевиќ да стане тренер

Српскиот гигант Партизан го промовираше Саво Милошевиќ во нов тренер на тимот. Некогашниот фудбалер во „црно-белиот“ дрес сега од клупата ќе се обиде да го врати клубот на победничките патеки. Милошевиќ доаѓа на местото на Зоран Мирковиќ, кој си поднесе оставка.

Милошевиќ имаше солидна кариера и освен во Партизан, играше за екипи како што се: Астон вила, Парма, Осасуна и Сарагоса. Сега треба да се докаже и како тренер.

„Благодарам на челниците на Партизан за довербата која ми ја дадоа.Јас секогаш сум бил околу Партизан. Откако дојдов тука со 16 години, никогаш си немав заминато. Постојано на разни начини бев поврзан со овој клуб. За мене е чест и привилегија, но и голема одговорност да се води овој тим. Имам огромна енергија и желба да ги поместам работите на подобро“, рече Милошевиќ.

Еден од оние кои го натерал Саво да размислува да стане тренер бил легендарниот Сер Алекс Фергусон.

„Кога почнав да работам во УЕФА, работев со некои од најголемите тренери. Работев на 12 меча на ЕП во Франција, а претседател на таа комисија беше Сер Алекс Фергусон. Токму тој беше еден од оние кои ме советуваше да станам тренер. Првата иницијативна каписла беше од луѓето со коишто работев таму, тие ме наговараа“, додава Милошевиќ.

Партизан има три порази во низа и е на третото место на табелата во српското првенство, дури со 24 бодови помалку од вечниот ривал Црвена ѕвезда. „Црно-белите“ немаат шанса да бидат ниту втори, бидејќи Раднички Ниш има 17 бодови повеќе од Партизан.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести