Сер Луис Хамилтон

Светскиот првак во Формула 1, Луис Хамилтон, ја доби титулата витез од страна на кралицата Елизабета Втора, која традиционално предновогодишно ги одликува Британците кои зад себе оставиле впечатлива година во одредено поле.

За Хамилтон и тоа како 2020 беше посебна, и покрај тоа што пандемијата со корона-вирусот речиси ги засени сите убави работи во спортот. Британецот годинава по седми пат стана светски шампион во најбрзиот циркус на светот, што се изедначи со легендарниот Михаел Шумаер.

Хамилтон исто така го урна рекордот на Шумахер по бројот на победи, Германецот во кариерата дури 91 пат беше на највисокото место на подиумот, а возачот на Мерцедес оствари вкупно 95 победи.

Хамилтон статистички стана најдобар возач во Формула 1 на сите времиња. Покрај 95-те победи, тој застана дури 165 пати на подиумот, а освои 98 пол-позиции. Во 2021 година ќе атакува на осма светска титула за да биде единствен возач со толку титули.

Исто така Хамилтон годинава се приклучи во борбата за човековите права и беше голема поддршка на НБА и НФЛ-лигата за движењето „Црните животи се важни“.

Затоа отсега пред неговото име ќе стои титулата „Сер“, Сер Луис Хамилтон.

 

- Оглас -

Најнови вести