Шах-мат во три потези: Измените му донесоа деби триумф на Мота на клупата на Џенова

Џенова ја оствари само втората победа во Серија А оваа сезона со конечните 3-1 против Бреша во последниот меч од саботната програма во Калчо лигата. Домаќините приредија фешта на „Луиџи Ферарис“ откако за трите бода мораа да се изборат преку пресврт, а голема заслуга за успехот има новиот тренер Тијаго Мота.

Флексибилноста на Мота да ја смени стратегијата и воедно да донесе резултат, постави рекорд во Серија А. За првпат во историјата се случува сите тројца играчи кои влегоа од клупа да постигнат барем по еден гол на меч.

За неговото деби на клупата на Џенова, фудбалерите го почастија со три гола во вториот дел, а истите беа дело на резервните играчи меѓу кои беше и македонскиот капитен Горан Пандев. Агудело и Пандев влегоа во игра пред 60-тата минута, Куаме само пет минути подоцна, а за само 14 минути сите тројца по еднаш ја тресеа мрежата на противникот, со тоа што Пандев ја запечати судбината на Бреша во 79-тата минута.

Во првото полувреме младиот Сандро Тонали постигна спектакуларен погодок од слободен удар, но гостите не успеаја да ја сочуваат минималната преднот.

Џенова воедно стави крај на низата неуспеси во кои претрпеа шест порази и едно реми, па со 8 бода се извлекоа од црвената зона барем до утре. Бреша е на 18-тото место со еден бод помалку.

- Оглас -

Најнови вести