Шампионката се трка со срни за да го преболи Токио и карантинот

Британската рекордерка на 200 метри, Дина-Ашер Смит имала трки со интересни противници, кои и помогнале да се одржува во форма во услови кога беше пропишан карантин во екот на пандемијата со Коронавирус.

Актуелната светска првенка на нејзината омилена патека од 200 метри во друштво на срните полесно ги пребродила сите проблеми со самотијата во услови на изолација, но и разочарувањето од пролонгирањето на Летните олимписки игри во Токио од 2020 за 2021 година.

„Излегов да трчам во парк и се изненадив од конкуренцијата. Срните трчаа со мене во прекрасен амбиент што ми помогна да ми се врати самодовербата по карантинот. Секако за нас атлетичарите е тешко во домашни услови да одржувате форма, па се обидов на необичен начин да останам фит. И разочарувањето поради одложените игри во Токио за мене беше големо, но животните ми помогнаа да се вратам во нормален колосек“, вели Смит.

Со резултат од 21 секунда и 88 стотинки Дина-Ашер е рекордерка на 200 метри на Велика Британија, а разочарувањето од киксот на ЛОИ во Рио Де Жанеиро, кога и побегна подиумот и медалите, го надополни со светската титула и претходно со три злата на европското првенство во Берлин пред две години.

Тогаш Британката беше најбрза на 100 и 200 метри и во штафетата 4Х100 метри за хет-трик медали со најсјајно одличје.

Дина-Ашер Смит има 24 години и според квалитетот ќе биде меѓу фаворитките за златниот медал на ЛОИ во Токио, кои се презакажани за јули и август идната година.

- Оглас -

Најнови вести