Шарапова ја тешеше повредената кинеска тинејџерка (Видео)

Кинеската тинејџерка Ванг Ксинју одигра одличен меч против Марија Шарапова, но се повреди во вториот сет и мораше да се откаже. За утеха доби многу комплименти од противничката, иако со солзи го напушти теренот во Шенжен.

Ванг водеше со 1:0 во сетови и при резултат 2:5 во вториот сет, се повреди, не можеше да продолжи и го предаде мечот на искусната руска тенисерка.

Шарапова постапи како голем спортист, разговараше со Ванг и ѝ упати комплименти за играта.

„Само продолжи да играш вака и еден ден ќе бидеш голема шампионка. Денеска играше одлично“, ја пофали Ванг големата шампионка. Шарапова за гестот доби аплаузи од публиката на ВТА-турнирот во Кина.

Ванг има само 17 години, возраст на која Шарапова на Вимблдон приреди едно од најголемите изненадувања во историјата на женскиот тенис со победа против Серена Вилијамс во финалето на Гренд слемот.

Во 2004 година, тогаш 17-годишната Марија ја декласира големата фаворитка и шампионка од САД со 6:4, 6:1 и ја озвои првата гренд-слем титула, а нејзината победа се памети како една од најголемите во историјата на женскиот тенис. Тогаш со солзи во очите Шарапова го крена пехарот на Централниот терен на комплексот во „Ол-Ингланд клубот“, а сега се обиде да ги запре солзите во Шенжен на младата и талентирана Ванг.

- Оглас -

Најнови вести