Шестмина македонски тенисери на главниот турнир во Скопје, четворица влегоа со вајлд-карта

Искусниот Томислав Јотовски е единствен македонски тенисер кој успешно ги мина квалификациите и влезе на главниот ИТФ-турнир што се игра во Скопје за награден фонд од 25.000 долари.

Јотовски, кој во моментов е треторангиран меѓу македонските тенисери, повеќе мака имаше во второто отколку во третото квалификациско коло, а во првото беше слободен, па веќе е во натпреварувачки ритам, што може да му помогне во првото коло од главниот турнир.

Македонски претставници на главниот турнир ќе има вкупно шестмина, од кои Горазд Србљак влезе директно благодарение на рејтингот што го има на АТП-листата, Јотовски влезе преку квалификации, а четворица добија специјални покани, вајлд-карти. Место на турнирот со вајлд-карта обезбедија Стефан Мицов, Обрад Марковски, Берк Бугариќ и Бесир Дургути.

Преноси од мечевите кои се играат на терените на ТК „Југ“ во Скопје може да се гледаат на Јутјуб каналот на Македонскиот олимписки комитет. Инаку неделава се игра првиот од вкупно трите турнири по ред во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести