Шевченко: Игрите на Зинченко и Малиновски се имиџот на украинскиот фудбал

Селекторот на украинската репрезентација која ќе биде втор ривал на Македонија на Евро 2020, Андриј Шевченко, среќен е што неговите пулени Руслан Малиновски од Аталанта и Олександер Зинченко од Манчестер сити играат во добра форма.

„Руслан има фантастична сезона, многу се пишува за него по италијанските медиуми, стана лидер на тимот. На почетокот на сезоната не беше така, но сега големи се очекувањата од него. Среќен сум за неговиот напредок, важно е и за нас. Тој и Зинченко се имиџот на украинскиот фудбал, со нив расте нашиот рејтинг. Добро е кога големи клубови им посветуваат внимание на наши фудбалери“, вели Шевченко.

Украинците веќе неколку дена тренираат, но популарниот Шева уште ги нема на располагање оние интернационалци кои настапуваат во странство. Украинците в недела играат пријателски меч со Бахреин. Македонската репрезентација на 26 мај почнува со тренинзи.

- Оглас -

Најнови вести