И втората четвртфинална пресметка меѓу Работнички и Шкендија заврши со реми, овојпат со 2-2 на арената „Тодор Проески“, што беше доволно за тетовскиот состав да обезбеди пласман во полуфиналето од Купот на Македонија.
Гостите во два наврати доаѓаа до резултатска предност преку Нафиу, односно Ибраими, но Романтичарите се враќаа во игра и од 85-тата минута по израмнувачкиот гол вршеа напори за целосен пресврт, меѓутоа неуспешно. По конечните 1-1 во Тетово, за Шкендија беше доволно што на гостувањето реализира два гола и се најде во топ 4 фазата.
Актуелниот бранител на трофејот, тимот на Академија Пандев, исто така продолжува во завршницата од Купот откако на домашен терен ремизираше при конечни 1-1 против Шкупи. На Пандевци и нерешено им беше доволно бидејќи триумфираа во пресметката во Скопје со минимални 1-0.
Брегалница со убедливи 4-1 против Лабуништа го потврди пласманот, ако се знае дека имаа 1-0 од првиот дуел. Струга Трим Лум приреди изненадување со триумфот на гости кај Ренова од 2-1, па и тие резервираа билет за полуфиналето.