Репрезентацијата на Србија може да остане без пласман на Светското првенство откако вечерва изненадувачки загуби во Ниш од Белгија со 73:74. Поразот дополнително боли ако се знае дека само на пет минути пред крајот, Србите имаа двоцифрена предност, но на крајот загубија.
Белгија со серија од 11:0 стигна до предност од 72:71, а потоа гостите погодија и во последниот напад за триумф од еден поен разлика. Сега може да се случи Србија дури и со шест победи во следната фаза, каде што за ривали ќе ги имаат Грција, Турција и Велига Британија, да не им се доволни за место на Мундијалот кој ќе се игра следната година.
Драма со среќен крај имаше за Босна и Херцеговина во дуелот со Бугарија. При нерешено 73:73, Муса погоди тројка со звукот на сирената.
Резултати од останатите денешни мечеви: Грузија – Шпанија 82:76, Македонија – Украина 68:73, Литванија – Чешка 72:83, Холандија – Италија 81:92, Португалија – Црна Гора 62:77, Франција – Унгарија 81:40.