Шон Бредли остана парализиран откако настрада во сообраќајна несреќа

Поранешниот НБА кошаркар, Шон Бредли остана парализиран откако автомобил удрил во него, додека тој возел велосипед. Оваа лоша вест ја откри неговиот поранешен клуб Далас маверикс.

Сообраќајната несреќа се случила на 20 јануари кога автомобилот удрил во Бредли додека возел велосипед во близина на својот дом. Од ударот и падот, Бредли претрпел тешки повреди на кичмата и останал парализиран. Биле направени неколку операции и во изминативе осум недели Бредли е во болница, каде веќе започнал процесот на рехабилитација.

„Со жалење ја дознавме веста за несреќата на Шон. Тој секогаш беше упорен и со борбен дух. Му посакуваме се најдобро во процесот на рехабилитација. Бредли секогаш ќе остане дел од семејството на Маверикс“, изјави сопственикот на Далас, Марк Кубан.

Бредли во НБА играше во периодот од 1993 до 2005 година, а посебно беше впечатлива неговата висина. Со 229 сантиметри тој е третиот највисок играч кој бил дел од НБА лигата. Девет сезони го носеше дресот на Далас меверикс, а играше и за Филаделфија и Њу Џерси нетс.

Иако е Американец, тој е роден во Германија и играше на Европското првенство во 2001 година, кога со тогашниот соиграч од Далас, Дирк Новицки стигнаа до четвртото место на континенталниот собир.

 

- Оглас -

Најнови вести