Шпанија даде гол од пенал, Македонија промаши пенал и затоа гостите се радуваа

Македонската репрезентација за играчи до 21 година има за што да жали во дуелот против врсниците од Шпанија. На меч од квалификациите за ЕП 2021, нашите надежи загубија минимално со 0:1. Во текот на целиот меч се играше рамноправно, но два моменти кои беа решавачки, беа на страна на противникот.

Ако до 80-тата минута беше мирно и без многу шанси на двете страни, драмата се случи во последните 10 минути од мечот. Во 82-рата минута Никола Серафимов направи фаул во шеснаесетникот и Шпанија доби пенал. Хуго Дуро, кој влезе во второто полувреме, успеа да погоди во 83-тата минута за 1:0 за гостите.

По примениот гол, Македонија тргна во напад и само неколку минути подоцна имаше шанса да израмни. Голманот на Шпанија, Мартинез, го фаулираше Руфати и судијата Мирчеа од Романија досуди пенал и за Македонија во 86-тата минута. Димитар Митровски ја презеде одговорноста да го изведе пеналот, но неговиот удар го одбрани голманот на Црвената фурија, што на крајот беше доволно трите бода и победата да заминат за фаворитот.

Во првото полувреме Шпанија не упати ниту еден директен удар кон голот на Македонија. Нашите надежи одлично парираа на фаворитот, играа добро, но, за жал, загубија.

По овој меч, Шпанија се зацврсти на првото место во групата со 16 бода од шест меча, додека Македонија остана на 7 бода од пет дуели. Следниот меч македонските надежи ќе го играат на 8 септември, на гости кај Фарски Острови.

- Оглас -

Најнови вести