Шпанија го урна „Сан Сиро“ по речиси еден век, со победата од 2:1 го урна и светскиот рекорд на Италија (Видео)

Шпанија ја изненади Италија со победа од 2:1 и ќе игра во финалето на Лигата на нациите против победникот од утрешното полуфинале меѓу Франција и Белгија.

Со двата гола на Феран Торес во првото полувреме, Црвената фурија ја надигра и ја победи Италија и урна неколку рекорди на Аѕурите.

Вечерва Италија го доживеа првиот пораз на култниот стадион „Сан Сиро“ кој е во употреба од 1925 година, а заврши и најдолгата серија од 37 меча без пораз во историјата на фудбалот, кога во прашање се мечеви на репрезентациите.

Италија постигна почесен гол во 83-тата минута, стрелец беше Лоренцо Пелегрини, но не беше доволно за да се сочуваат рекордите.

Интересно и многу чудно е што домашните навивачи постојано му свиреа на голманот Џанлуиџи Донарума, голман кој беше јунак на Италија во походот кон европската титула што е освоена летово на ЕП.

И Донарума ќе го памети овој меч бидејќи за првпат откако брани за Италија, на 38-миот меч прими повеќе од еден гол.

Првото полувреме беше клучно за поразот на Италија, а Шпанците со двата гола на Феран Торес го изненадија домаќинот.

Во 42-рата минута беше исклучен Бонучи, па Шпанија играше со фудбалер повеќе во финишот на првото и цело второ полувреме.

- Оглас -

Најнови вести