Шпанија и Германија ги имаат најдобрите таленти во Европа – Ќе има реприза на финалето од 2017 година

Шпанија ја декласира Франција и повторно ќе игра во финалето на младинското Европско првенство и тоа против истиот ривал од Полска, селекцијата на Германија за реванш и титула, што не ја освоија пред две години.

Вечерва во второто полуфинале со атрактивна игра младите Шпанци ја торпедираа Франција со 4:1, иако по 16 минути игра имаа негатива од 0:1.

Матета од пенал им донесе предност на младите триколори, а се потоа беше во знакот на Шпанија. Марк Рока израмни во 28. минута, а Ојарзабал во петтата минута од судиското продолжение во првото полувреме беше прецизен од белата точка за целосен пресврт.

Потоа на сцена стапи соиграчот на Аријан Адеми од Динамо Загреб, Дани Олмо со убав гол за 3:1, по што Борха Мајорал само ја потврди убедливата победа за финале.

Претходно Германија со победа од 4:2 против Романија обезбеди нов меч за титулата. На претходното ЕП во 2017 година во Полска, каде Македонија запиша историја со прв настап, Германците ја победија Шпанија со 1:0 во меч за титулата.

Шпанија е втората најтрофејна нација во конкуренција на играчи до 21 година и има 4 титули, зад Италија со пет. Германците се на делба на третото место со две титули, колку што имаат и Англија, Русија и Холандија.

- Оглас -

Најнови вести