Шпанска комбинација на „сините“ за славје против Кристал палас

Челзи со 3-1 против Кристал палас ја забележа осмата овосезонска победа во Премиер лигата. Благодарение на шпанското дуо Мората-Педро, „сините“ остануваат непоразени и по 11 меча во англискиот шампионат, повторно се на второто место со 27 бода, два помалку од лидерот Сити, а со ист број на бодови како и Ливерпул, но подобра гол-разлика.

Мората го отвори резултатот во 32-та минута по асистенција на неговиот сонародник Педро, за водство на избраниците на Маурисио Сари по првите 45 минути. Мал шок за „сините“ беше израмнувачкиот гол на Таунсенд во 53-тата минута, но неивесноста траеше малку повеќе од десетина минути.

Само една минута по влегувањето на Азар, Белгиецот од прекин асистираше за вториот погодок на Мората на средбата, во 65-тата минута, а Педро го реши победникот само пет минути подоцна, откако ја затресе мрежата по прецизното додавање од Алонсо.

Кристал палас влезе во негативна серија од четири порази на последните пет натпревари во шампионатот, и само едно реми, па така со осум бода се наоѓаат на 14-тото место на табелата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести