Шпанската револуција ја разбуди Англија – Премиер лигата се исплаши да не ѝ се случи Ла Лига со платите

Бунтот на професионалните играчи од најразвиените фудбалски земји зема замав, а сега премиерлигашите во Англија се повнимателни со мерките и ќе ја менуваат тактиката по одлуката на шпанскиот Синдикат да го одбие барањето на Ла Лига за колективно кратење на платите.

Вчера капитените на шпанските клубови од Првата и Втората фудбалска лига категорично го одбија барањето да прифатат намалување на примањата, а образложението им беше добро аргументирано.

Се чини дека Англичаните ја научија лекцијата, па сега Владата и нејзиниот претставник, државниот секретар за здравство Мат Хенкок се во дефанзива. Прв ги начна Вејн Руни, кој упати остри критики за мешање во работи што не се во домен на државата и бараше секој клуб поединечно да разговара со играчите.

Легендата на англискиот фудбал не сакаше да молчи по испадот на Хенкок, чии ставови беа прифатени на состанокот на челниците на Премиер лигата и на клубовите на кои главен заклучок беше препораката да се разговара со играчите за најавеното намалување на платите во висина од 30 отсто.

Асоцијацијата на професионални фудбалери (ПФА) како да се подразбуди по примерот на нивните колеги од Шпанија и најави дека колективен договор за намалување во сите клубови за 30 посто ќе нема.

„Неприфатливо е за ПФА да има некаков колективен акт за ист процент со кој ќе се намалат платите на сите фудбалери. Наша препорака е секој клуб посебно да разговара со своите играчи за да се најде решение. Во спротивно, создаваме тензија што може да биде многу опасна за фудбалот во Велика Британија. Ќе се наруши довербата меѓу играчите и клубовите“, вели Гордон Тејлор, кој е прв човек на ПФА од 1981 година.

Премиер лигата е одложена најмалку до 30 април, а се најавува нејзино продолжение за во јуни.

 

- Оглас -

Најнови вести