Што му требаше на Смолинг да го удри Меси и да го разбуди „ѕверот“ во него!?

Инцидентот кој се случи меѓу Лео Меси и Крис Смолинг во првиот натпревар меѓу Барселона и Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“ беше мотивација за Аргентинецот да приреди свое шоу пред каталонските навивачи и со два мајсторски погодоци да ги натера „црвените ѓаволи“ со спуштени глави да ги спакуваат куферите и да ја напуштат Лигата на шампионите.

Поранешниот дефанзивец на Јунајтед, Рио Фердинанд, смета дека најголем виновник за елиминацијата е токму Смолинг, кој со неспортскиот потег го разбуди „ѕверот“ во Меси.

„Најлошата работа што можеше да му се случи на Јунајтед е судирот меѓу Меси и Смолинг. Крис го удри со лакотот во Манчестер, а на тој начин само го разбуди „ѕверот“ во Меси. На „Камп ноу“ го видовме најдоброто издание на Меси, барем јас не сум посведочил на подобра индивидуална партија од страна на Аргентинецот. Сите што вчера беа на стадионот долго време ќе зборуваат за вонсериската игра на Лео“, истакна Фердинанд.

Иако е најзаслужен за пласманот на Барселона  во полуфиналето, Меси смета дека цел тим е заслужен за убедливата победа.

„Во првите пет минути покажавме малку нервоза, но потоа ја презедовме контролата. Бевме спектакуларни, го покажавме вистинското лице на Барселона. Ја остваривме целта, се пласиравме во полуфиналето, нешто што го немавме направено во изминативе неколку години. Сега целиме на пласман во финалето, но и на самиот трофеј“, посочи Меси.

- Оглас -

Најнови вести