Што се случува со Атсу? Од Хатајспор велат дека не е пронајден, во Гана се мобилизираат со спасувачки екипи

Што се случува со исчезнатиот фудбалер на Хатајспор, Кристијан Атсу, сега веројатно и никој не знае точно, иако беше објавено дека е пронајден под рушевините на зграда, и тоа жив со тешки телесни повреди на ногата и со отежнато дишење, па потоа и дека е згрижен во болница.

Дури беше објавено видео од местото каде што е пронајден фудбалерот од Гана, но денеска од Хатајспор демантираат дека се работи за Атсу.

Дали е погрешен идентитетот на човекот што е пронајден и извлечен жив е енигма, а хаосот, за жал, продолжува.

Од Гана има апел да се испратат спасувачки екипи во Турција за да го бараат Атсу и за да дојдат до точни информации што станува со фудбалерот од нивната земја.

Атсу само неколку часа пред страотниот земјотрес што ја погоди Турција беше стрелец на победнички гол за Хатајспор во Суперлигата, а потоа се водеше како исчезнат.

Потоа се објави информација дека е пронајден и префрлен во болница, па од Хатајспор дојде објава дека не се работи за Атсу и дека тој сè уште не е пронајден.

- Оглас -

Најнови вести