Што сонува претседателот на Реал Мадрид? Перес сака да се подмлади, ако успее, Кралевите пак ќе бидат Галактикоси

Флорентино Перес има одличен план и од следната сезона сака во тимот да ги има опасните напаѓачи Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд и ако успее да ја реализира замислата, Кралевите пак ќе бидат Галактикоси.

Покрај квалитетот што го поседуваат Мбапе и Халанд, многу важно за Перес е тоа што се и многу млади.

Килијан има 22 години и не крие дека сака од ПСЖ да се пресели во Реал Мадрид, а ќе може да преговара со Кралевите веќе на почетокот на следната година бидејќи договорот со Светците од Париз му истекува идното лето.

Реал веќе се обиде ова лето со понуда од 200 милиони евра да го донесе 22-годишниот напаѓач во своите редови, но ПСЖ ја одби понудата.

Халанд е една година помлад од Мбапе и има договор со Борусија Дортмунд до летото во 2023 година и тука работите за Перес и за Реал ќе одат малку потешко. Кралевите ќе мора да платат отштета за да го имаат и норвешкото чудо во составот за идната сезона.

Карим Бензема во декември ќе полни 34 години и Халанд би бил идеална замена како шпиц на местото на францускиот репрезентативец.

Ако Перес успее во намерата да ги донесе Мбапе и Халанд, Реал би имал трио фантастико во нападот, каде што би бил вклучен и Винисиус јуниор, кој веќе е член на Реал и игра импресивно сезонава.

Бразилецот има 21 година, што значи и одлична перспектива за Реал во трилингот офанзивци со Мбапе и Халанд.

 

- Оглас -

Најнови вести