Сити ја освои титулата во ФА Купот, но Пеп категоричен: Нема славје, нема ни едно пиво да се испие

Манчестер сити го освои трофејот во ФА Купот, откако минимално со 1:0 го победи Челзи ви финалето кое се играше на „Вембли“ во Лондон. За Сити ова е втор трофеј сезонава, а тренерот Пеп Гвардиола беше задоволен од прикажаното, посебно поради фактот што по две загубени финалиња во ФА Купот, сега повторно се радуваат на пехарот.

„Знаев дека ќе биде тежок меч. Добро започнавме имавме неколку шанси, потоа Челзи имаше поголема контрола. Во второто полувреме кога дадовме гол, ја преземавме контролата и стигнавме до победата. Мило ми е што по два порази во финалињата на ФА купот, сега трофејот повторно е во нашите витрини“, рече Гвардиола.

Тренерот на Сити најави дека неговиот тим нема да направи никаква прослава за овој освоен пехар и тоа е така затоа што уште им престои борбата за трофејот во Премиер лигата. Сити е втор на табелата со два бода помалку од лидерот Арсенал. До крајот на сезоната има уште два меча, а Сити во вторник ќе гостува кај Борнмут.

„Челзи имаше седум дена да се подготви за ова финале, а ние едвај три дена. Нема да има забава, нема да има ни едн испиено пиво, затоа што уште имаме важни мечеви пред нас“, додаде Гвардиола.

- Оглас -

Најнови вести