Што велат правилата за спорниот пенал со кој Челзи се пласираше во четвртфиналето на ЛШ?

Многу реакции предизвика одлуката на судијата Дани Макели да го повтори пеналот на Челзи во дуелот против Борусија Дортминд, момент кој се покажа како клучен за англискиот тим да се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампиони.

Челзи водеше со 1:0, кога ВАР системот му сигнализираше на Макели дека треба да има пенал за домаќините, откако топката удри во рака на еден противнички играч, во шеснаесетникот. Каи Хаверц шутираше, но ја погоди стативата, кога на изненадување на сите на теренот, судијата Макели реши дека пеналот мора да се повтори.

На снимката се гледа дека повеќе фудбалери влегуваат во шеснаесетникот пред Хаверц да ја шутне топката. Играчите на Челзи први „направија престап“, а потоа втрчаа и неколку играчи на Борусија Дортмунд.

Џабе беа протестите на гостите, кога судијата одлучи да се повтори изведувањето на пеналот. Макели е истиот судија кој не досуди чист гол за Португалија на гостувањето во Белград, кога Роналдо шутираше, топката ја помина гол-линијата, но поради недозволеното користење на ВАР и гол-линија технологијата во Лигата на Нации, погодокот не беше признат.

Од синоќешната ситуација на „Стемфорд бриџ“, снимката покажува дека при првиот шут на Хаверц од пенал, играчи на Челзи први втрчуваат во шеснаесетникот, а потоа влегуваат и фудбалери на Борусија Дортмунд. Играчите на Милионерите се бунеа, но што велат правилата?

Доколку пеналот биде промашен, а престап направи играч од тимот кој напаѓа, се суди индиректен удар во корист на екипата која се брани. Доколку при изведувањето на пеналот престап направи фудбалер од тимот кој се брани, тогаш пеналот се повторува.

Ако се случи нешто како што беше синоќа на „Стемфорд Бриџ“, кога престап ќе направат фудбалери и на екипата што напаѓа, но и играчи на тимот што се брани, пеналот треба да се повтори.

 

- Оглас -

Најнови вести