Шеговито, ама и вистинито – Што вели народот по победата против Германија? Разбудете се, на Ангеловски му истекува договорот!

Игор Ангеловски маестрално ја водеше Македонија и во Дуисбург, а ако воопшто имаше скепса за неговите квалитети, сите сомнежи паднаа во вода со најголемата фудбалска победа во историјата.

Човекот што командуваше со македонската репрезентација на патот до успехот и историскиот пласман на Европското првенство, што ќе се игра во јуни и јули годинава, чудно, но вистинито доби продолжување на договорот само на шест месеци, и тоа на почетокот на годинава.

Кротко ја прифати фрлената ракавица од раководството на Фудбалската федерација на Македонија и од Управниот одбор и иако шестмесечното продолжување на договорот изгледаше како неправда, продолжи да работи успешно и во новиот квалификациски циклус, овојпат за пласман на Мундијалот во Катар идната година.

Македонија игра модерен фудбал, што е најважно, веќе не се плаши од никого, со должен респект, а реакцијата на фудбалските симпатизери веќе е јасна.

„Разбудете се, на Мрме му истекува договорот“, е еден од коментарите на социјалните мрежи по победата против Германија со 2:1 во Дуисбург.

Шеговито бидејќи само само 3 месеци му беше продолжен договорот, но и искрена реакција на обичните фудбалски фанови, кои го гледаат тоа што очигледно не сакаат да го видат луѓето од Федерација.

По ваков успех, цената на сите им расте, и на фудбалерите, но и на селекторот, кој успеа да подготви победнички рецепт против велесила, четирикратен светски првак, што не беше поразен 20 години во квалификациски меч за пласман на Светско првенство.

Свен-Горан Ериксон во 2001 година успеа да го нокаутира „Елфот“ со Англија на „Олимпискиот стадион“ во Минхен со 5:1 и по 20 години следен е Ангеловски, со напомена дека Германија со вчерашниот пораз има само ТРИ неуспеси во историјата на квалификациските мечеви за настап на Мундијалите.

Секако, симпатизерите на македонската репрезентација не ги интересираат препукувањата во и околу ФФМ и очекуваат веднаш да му се понуди долгорочен договор на Ангеловски.

 

- Оглас -

Најнови вести