„Штрковите“ го прелетаа Вршац

Со победата од 95:88 на гостувањето кај Вршац, МЗТ Скопје Аеродром првпат сезонава во АБА 2 лигата славеше надвор од својата сала, но „металците“ требаше полесно да го добијат мечот во кој за 27 минути дадоа 85 поени.

МЗТ во првите 27 минути играше како Голден стејт вориорс, даде дури 85 поени, но потоа како некој да стави капак на кошот на Вршац и македонскиот тим се мачеше да поентира. За среќа на тимот на тренерот Кочов, домашните во последната четвртина утнаа доста шутеви за три поени, па не успеаја да направат огромен пресврт.

Првото полувреме беше неверојатно ефикасно, како на олстар-меч. МЗТ даде 62 поена, од кои дури 36 во втората четвртина, а Вршац уфрли 51 поен. Блескаше Бојиќ со 27 поени, од кои неверојатни 23 во вториот период, а МЗТ погоди 8 тројки од 9 обиди. Домашниот играч Капетановиќ погоди пет тројки од пет обиди.

МЗТ беше во позитива од 85-69 во 28-мата минута, но потоа пет минути не даде кош и Вршац се врати со серија од 12-0. Победникот беше одлучен дури во последната минута, кога Симоновски погоди тројка за плус девет.

Бојиќ со 29, Вудард со 18 и Стојановски со 14 поени беа најефикасни, а Медфорд имаше 11 асистенции кај МЗТ, кој сега има 5-2 по седум меча.

- Оглас -

Најнови вести