Шустер: Крос е како трактор на дизел

Германската фудбалска легенда Бернд Шустер, кој е поранешен играч на Реал Мадрид и Барселона, а во Реал работеше и како тренер, упати жестоки критики до неколку членови на Кралскиот клуб, особено до сонародникот Тони Крос. Цел на Шустер по синоќешниот пораз од Барса беа и Даниел Карвахал и Рафаел Варан, а потсети и дека е невозможно да се надомести губењето на Кристијано Роналдо.

„Некои играчи на Реал се далеку од врвната форма. Тимот има проблем со реализацијата, но тоа не е изненадување бидејќи летоска останаа без најдобриот стрелец во историјата. Средниот ред на Реал не доминира против никого, немаа контрола во средината ниту против Жирона. Модриќ трча, но не видовме ништо од него, ниту пас за гол, ниту некој клучен потег. За Крос не сакам ни да зборувам. Мојот сонародник наместо да биде „ауди“, тој е како трактор на дизел. Не прави ништо, Бензема и Винисиус се осамени во нападот“, анализираше Шустер.

Шустер се осврна и на одбраната на Реал.

„Варан е бледа сенка на она што беше, не беше добро поставен, а Карвахал станува како Арбелоа. Не се согласувам дека младиот Регилон одиграл добро“  – додаде Шустер.

- Оглас -

Најнови вести