Шутерски рафал за историја: Дуото на Чикаго се „истури“ од тројки за апсолутен НБА-рекорд (видео)

Бековскиот двоец на Чикаго булс, Зек Лавин и Коби Вајт, поставија апсолутен рекорд во НБА-лигата во реализирани тројки на еден натпревар во победата од 129:116 над Њу Орлеанс пеликанс.

Тие се првите соиграчи во историјата на НБА-лигата кои постигнаа најмалку по осум тројки во еден меч – Лавин имаше учинок 9/14, додека Вајт реализира 8/17 од линијата за три поени. Двајцата погодија 17, додека целата екипа на Чикаго постигна вкупно 25 тројки, што е рекорд на франшизата.

Лавин блесна со личен сезонски рекорд од 46 поени, Вајт го заврши мечот со 30 поени, што се случува по третпат овие двајца да постигнат 75 или повеќе поени во еден меч како членови на Биковите. Подобар комбиниран учинок за франшизата од Ветровитиот град имаат само легендарните Мајкл Џордан и Скоти Пипен, кои во шест наврати погодувале 75+ поени во еден меч.

Шампионот ЛА лејкерс ја оствари шестата последователна победа, односно трета по ред во продолженија во триумфот над  Оклахома сити тандерс со минимални 114:113.

Езерџиите повторно се мачеа да издвојат триумф во регуларните 48 минути, па победата во дополнителните пет минути ја донесоа Денис Шрудер и Весли Метјус со клучната тројка на 40 секунди до крајот.

Претходно Леброн Џејмс израмни на 105:105 со тројка во последните 18 секунди, а потоа во продолжението го спречи последниот напад на гостите со украдена топка на две секунди до крајот.

Кралот застана на 25 поени и 7 асистенции, го следеше Харел со 20 поени, додека на другата страна Хорфорд беше најрасположен со 25 поени.

https://www.youtube.com/watch?v=wDDvJUwM-qs

Останати резултати НБА:

Вашингтон 115:137 Торонто, Далас 118:117 Атланта, Бруклин 104:94 Индијана, Мемфис 130:114 Шарлот, Минесота 112:119 ЛА клиперс, Денвер 133:95 Кливленд, Феникс 125:124 Милвоки.

- Оглас -

Најнови вести