Шутерски „тренинг“ на Вориорс, победи за двете екипи од Ел-Еј

Шампионот Голден стејт вориорс без многу мака ја запиша 52-рата победа сезонава откако на домашен терен убедливо славеше против Шарлот хорнетс со 137:90. Воините го искористија киксот на Денвер (пораз од Вашингтон со 90:95) за да го преземат првото место на Западот со една победа повеќе (Голден стејт има 52, Денвер 51 победа).

Дуелот против Шарлот послужи како загревање за ѕвездите на Голден стејт за разигрувањата, а целата екипа реализираше 21 тројка од 33 обиди, односно одржаа висок процент на учинок од 63,6% од линијата за три поени.

Кари реализираше 5/8 и заврши како најефикасен со 25 поени, Томпсон даде 6/9 за три, за на крајот да заврши со еден поен помалку од својот колега. Кај поразените, Ернангомес со 22 поени беше најрасположен играч на теренот.

ЛА лејкерс со убедливи 102:130 славеше на гостувањето кај Њу Орлеанс пеликанс. „Езерџиите“ без Леброн Џејмс одиграа одлично, особено во третиот период, во којшто ја изградија високата разлика. Рондо со дабл-дабл од 24 поени и 12 асистенции ги предводеше Лејкерс, Мекги исто така заврши со двоен учинок од 23 поени и 16 скока, додека Рендл на спротивната страна беше најрасположен со 17 поени.

Победа издвои и втората екипа од Ел-Еј, Клиперс на домашен терен беа подобри од Мемфис со 113:96. Данило Галирани беше одличен со 25 поени и 15 скока. Кај Мемфис најразигран беше Делон Рајт со 20 поени.

Денвер ја разочара својата публика откако загуби од Вашингтон визардс со 90:95. Никола Јокиќ ги остави на цедило своите соиграчи во клучен момент, заработи исклучување на малку повеќе од три минути до крајот, а Вашингтон го искористи отсуството на најдобриот поединец на домаќините.

Јокиќ до исклучувањето имаше реализирани 23 поени и 14 скока, додека Милсап исто така запиша двоен учинок од 13 поени и 16 скока. За Визардс најрасположен беше новакот Браун, кој оствари рекордни 24 поени во својата прва сезона од кариерата во НБА.

Сакраменто кингс го доби и третиот овосезонски дуел со Сан Антонио спарс. Кралевите изненадија во „АТ&Т центарот“ со конечни 106:113. Ниту одличниот настап на Ламаркус Олдриџ не им помогна на Спарси, центарот запиша двоен учинок од 27 поени и 18 скока, додека Бади Хилд го предводеше Сакраменто со 26 поени.

- Оглас -

Најнови вести