Силекс и Башкими фаворити, но бодовите им се попотребни на Пелистер и Работнички

Силекс е домаќин против Пелистер, а Башкими го пречекува Работнички во денешните два натпревари од Првата македонска фудбалска лига со кои ќе се комплетира првото коло од последниот, трет круг од 11 кола од оваа сезона.

Квотите во Sport Life велат дека фаворити на хартија се домашните тимови, но на гостинските им гори под нозе, загрозени се од испаѓање. Ова особено важи за Работнички, кој е претпоследен и му се заканува директно испаѓање, но во последно време ја крена формата, има три победи во последните пет кола. И Башкими освои 9 од можните 15 бода во последните пет кола, па во Куманово ќе има дуел на два тима кои се во солидна форма.

Кратовци веќе се далеку од врвот, излез во Европа ќе бараат преку Купот и тоа може да биде шансата за изненадување на битолчани кои се во зоната на директно испаѓање. Силекс дома нема победа во 2026 година и тоа е мотивот за тимот на тренерот Александар Васоски.

„Игравме пред десетина дена со Пелистер. Станува збор за незгодна екипа, знае што сака, не игра лошо, и покрај тоа што позицијата на табелата за нив е таква каква што е. Но, играме пред наша публика и ќе настојуваме да дојдеме до победа. Иако на домашен терен оваа пролет нешто не оди, не сакам да го обвинувам само теренот, и до нас е, мораме да се подобриме во таа концентрација во финишот, реализацијата, и еве, се надевам дека од денеска, па натаму ќе се промени тој тренд и ќе почнеме да победуваме и на домашен терен“, изјави Васоски.

- Оглас -

Најнови вести