Симиќ сениор сега мора да навива за Барса, па и Каталонците се на неговиот хуманитарен тикет

Еден од првите центри во Македонија коишто почнаа да шутираат тројки, еден од најтрофејните кошаркари според бројот на трофеи, еден од ретките Македонци кои направиле трипл-дабл и татко на 215-сантиметри високо момче кое игра за јуниорскиот тим на Барселона, Тони Симиќ, има што да каже околу македонската репрезентативна кошарка, која доживеа разочарување откако не успеа да се најде на Евробаскетот.

„Желба во националниот тим беше постепено да вклучат млади играчи и нормално е да има падови во резултатот. Мислам дека не е толку голем неуспех што не се пласиравме на ЕП. Можеа малку подобро да поминат, штета што не успеавме во ваква конкуренција, со оглед на тоа дека останатите репрезентации се некомплетни. Но, мора да ја кренеме главата, да бидеме обединети, имаме доста добри играчи родени 2001, 2002, 2003, 2004 година кои настапуваат во странство и во еден четиригодишен циклус, ако се работи со нив, имаме светла перспектива околу А тимот“, смета Симиќ.

Неговиот постар син Теодор, кој неодамна наполни 17 години, беше во експедицијата која замина на квалификациите во Русија, но не доби шанса да дебитира за сениорската репрезентација.

„Се надевам дека Тео ќе ме надмине. Тој многу млад влезе во А селекцијата, само здравје нека го служи, тоа е најважно, на добар пат е да стане подобар од мене и да игра на врвно ниво. Има предиспозиции, во Барселона има феноменални услови, дисциплиниран е, го спроведува тоа што се бара од него, на вистинско место е“, вели легендата на македонската кошарка.

Во кошаркарското семејство Симиќ има уште еден талент, тоа е Марио, кој е роден 2007 година, висок е 196 сантиметри и тренира во Партизан Водно санс. И за него стручњаците сметаат дека може да тргне по стапките на татко му и братот.

БЕШЕ ЕМОТИВЕН ИГРАЧ КОЈ СЕКОГАШ ГИНЕШЕ НА ПАРКЕТОТ ЗА ТИМОТ, МНОГУ ПОСМИРЕН Е КАКО ТРЕНЕР

Како играч, Симиќ беше максимално борбен и темпераментен, незгоден за чување како центар кој сака да шутира тројки, но сега како тренер покрај аутлинијата има друго лице. Тој беше селектор на репрезентацијата за играчи до 18 години, сега е во младата селекција до 20 години со која ќе играме на ЕП во Грузија, а по пет и пол сезони во Партизан Водно санс, каде што работеше со деца, од неодамна е тренер на второлигашот Баскет КАМ.

„Ова е нешто сосема ново, влегов во тренерските води и не верував дека е различно, но навистина имало разлика да се биде тренер и играч. Презадоволен сум од условите кои ги нуди клубот, од луѓето кои го водат, задоволен сум од поддршката од градот. Амбициите ни се да бидеме во првите четири на табелата, да влеземе во плејофот. Во добар правец се движиме, продолжуваме со максимална енергија и работа“, раскажува Симиќ, кој нè имитира ниту еден од неговите тренери, туку се труди од нив да го применува она позитивното.

„За разлика од играњето, ова е сосема нешто друго, треба да бидеме педагози кон тие млади луѓе и се трудам да бидам што е можно посмирен. Успешно ги контролирам емоциите и така ќе продолжам. Гледам да бидам пример за играчите и тие мора да бидат коректни како тренерот. Како играч сум имал секакви искуства со тренерите и гледам убавите работи да ги применам, а лошите да ги отфрлам“, вели некогашниот член на Работнички, МЗТ Скопје, Кoтвицa (Полска), Вардар осигурување, Торус, Лирија, Фени индустри и Гостивар.

НЕ САКА ДА ДАВА СОВЕТИ ЗА ДА НЕ ИСПАДНЕ ВИНОВЕН ЗА ЕВЕНТУАЛНА УТКА, ВЕРУВА ДЕКА БАРСА ЌЕ СЕ ВРАТИ НА ВИСТИНСКИОТ ПАТ

„Следам фудбал кога имам слободно време. Ги следам лигите, знам што се случува, особено Лигата на шампионите ми е омилена. Сега со оглед на тоа дека син ми е член на Барселона, ќе ми се налути ако навивам за друг клуб. Во 2019 година во живо го гледавме мечот Барселона – Интер од Лигата на шампионите. Барса сезонава игра доста послабо, но верувам дека ќе ги надминат проблемите и недоразбирањата, тоа е голем клуб кој брзо ќе се врати каде што треба да биде“, вели Симиќ.

„Како професионален спортист, сега и тренер, многу ретко сум уплаќал тикети во обложувалници. Почесто ме прашувале за совет, но секогаш сум избегнувал да прогнозирам за други луѓе. Ако утнам, јас ќе излезам виновник. Не сум имал некои поголеми добивки, би сакал овој хуманитарен тикет да биде добитен и парите да заминат на вистинско место“, заклучува човекот кој одбележа една убава ера во нашата кошарка.

 

- Оглас -

Најнови вести